• Саше Љолес

Кошаркарите на ТФТ Скопје одиграа добар прв полуфинален натпревар во плеј-офот на АБА 2 лигата, испишувајќи нов историски резултат со победата кај Сутјеска со конечни 88-93.
Скопскиот состав прикажа феноменална игра во првото полувреме, создавајќи голема предност од 18 поени на паузата, но потоа падна во ритамот и му дозволи на ривалот да се доближи на поприфатлива разлика. На паузата избраниците на Боро Смилковски водеа со резултат 41-59.
Третата делница му припадна на домашниот состав (25-17), но ТФТ уште имаше солидна залиха за последните десет минути од мечот. Скопјани имаа +8 на шест минути до крајот (72-80), но потоа додадоа гас и го направија клучниот чекор кон победата.
Сутјеска повторно се најде во голема негатива од 14 поени, притисна со сите сили во финишот, но ТФТ беше фокусиран и успеа да го заокружи мечот со конечни 88-93. Најдобар поединец во победничкиот состав беше извонредниот Виктор Ташовски со 26 поени, а на спротивната страна, седумнаесет поени постигна Филип Баровиќ.
Вториот натпревар меѓу овие ривали ќе се одигра на 15 април, а доколку има потреба од мајсторка, таа ќе се одигра седум дена подоцна.


