ТФТ се пофали со новото засилување: Ташовски од Вардар се сели во градскиот ривал

Кошаркарскиот колектив на ТФТ Скопје веќе започна да се екипира за следната сезона и денес го претстави своето ново засилување. 

Нов член на клубот од Тафталиџе е младинскиот македонски репрезентативец, Виктор  Ташовски. 19-годишниот кошаркар потпиша соработка на две години, а во ТФТ доаѓа од редовите на Вардар, каде настапуваше во минатата сезона. 

„Со големо задоволство ви го претставуваме Виктор Ташовски како нов член на нашата црно-бела фамилија. 19-годишниот Ташовски е стандарден младински репрезентативец кој минатата сезона настапуваше во КК Вардар. Договорена е две годишна соработка и сигурни сме дека Ташовски ке даде голем придонес во остварувањето на нашите амбиции во сезоните што следуваат. Од името на целокупната организација на ТФТ уште еднаш му посакуваме топло добредојде“, се вели во објавата на ТФТ.

ТФТ беше едно од најпријатните изненадување во сезоната во Првата лига која штотуку заврши, со среќен крај за МЗТ Скопје.