ТФТ речиси рутински го среди Гостивар во Скопје

Кошаркарите на ТФТ Mozzart го добија еден од дерби натпреварите на 14. коло во Првата македонска кошаркарска лига, откако дома славеа против Гостивар со 91-77. Средбата, која се одигра во СРЦ „Кале“, понуди само израмнет старт, за потоа домашните кошаркари да одиграат поубедливо и посигурно до победа. 

Гостивар парираше од стартот, неколкупати минимално поведе, меѓутоа бргу ТФТ го презеде главниот збор. Уште во втората четвртина домаќинот дојде до двоцифрена позитива, па на одмор замина со 48-37. 

Ниту продолжението не понуди значителни промени на резултатски план. ТФТ беше уште поубедлив, играше сигурно и ја зголеми предноста над маргината од 20 поени. На стартот на завршниот период дојде и највисоката позитива од +25, која иако се намали, не беше ништо ниту близу до егал. ТФТ рутински го приведе мечот кој крајот и запиша убедлив триумф. 

Најдобар играч на мечот беше Виктор Ташовски кој заврши со 17 поени, еден повеќе од соиграчот во ТФТ Бишоп. Кај гостиварчани со по 13 поени се истакнаа Пипкинс и Корсантија кој врза и 13 скока. 

Со оваа победа ТФТ Mozzart се израмни со Гостивар на делба на третото и четвртото место со девет победи и пет порази.