ТФТ парираше едно полувреме, но загуби од Шенчур во АБА-2

Кошаркарите на ТФТ Скопје се бореа, меѓутоа загубија од Шенчур во рамките на осмото коло на АБА-2 лигата на „балонот“ во Бања Лука со 74-91. Средбата во спортската сала „Борик“ понуди изедначен прв дел, во кој скопскиот тим имаше и предност, меѓутоа потоа ривалот од Словенија заигра подобро и заслужено победи. 

Се тргна израмнето, со игра кош за коп, а првата предност од повеќе од еден напад го имаше ТФТ (12-7). Сепак, тоа момците на Боро Смилковски не го искористија, па ривалот се врати и првите десет минути завршија со егал (16-16). ТФТ одново се наметна, успеа да поведе со највисоките осум поени, ама пак имаше пад кој Шенчур го искористи и на одмор замина со водство (35-40). 

Вториот дел тргна одлично за словенечката екипа. Шенчур заигра подобро, ја зголеми предноста на двоцифрена, а за среќа македонскиот тим не се откажа. Иако ТФТ пријде на само три коша негатива, противниците не запреа и во два наврати успеваа да си изградат двоцифрена предност, а вториот беше кобен и доведе до победа. 

Најдобри поентери во победничкиот тим беа Ахмедовиќ и Муриќ со по 19 поени, додека Александар Костоски од ТФТ финишира со 18, а Батрик со два поени помалку.