ТФТ пак попушти во финишот, Работнички поблиску до полуфинале во плеј-офот 

Најтрофејниот кошаркарски колектив во нашата држава, Работнички, со успех го отвори овосезонскиот плеј-оф во Првата лига, откако на свој терен со сигурни 72-65 славеше над изненадувањето на сезоната, екипата на ТФТ Скопје.

  • Комплетниот натпревар меѓу Работнички и ТФТ Скопје:

Момците на Мираковски до својата прва победа во разигрувањето за титулата стигнаа на речиси идентичен начин како и пред неколку дена во Купот, односно по одлично одиграна последна четвртина и  последна четвртина, 

Двете скопски екипи одново одиграа тврд и не така ефикасен натпревар. Во првата четвртина, „центарци“ беа за нијанса поуспешни и се изборија за плус два (18-16), водство кое го сочуваа и во вторите 10 минути, иако ТФТ во одредени моменти успеа да ја преземе позитивата (36-34).

За разлика од првите две, во третата четвртина Работнички конечно влезе во посакуваниот ритам и за првпат се одлепи на девет поени разлика, но како што се ближеше крајот на овој период, така гостите ја намалуваа негативата и во завршницата се влезе со 51-50 за фаворитот. 

Стартот од последниот квартал им припадна на кошаркарите на ТФТ и Работнички повторно влезе во негатива, но само за кратко, затоа што Питс и Аска имаа одличен натпревар и на свој грб го одведоа тимот до стартна победа во плеј-офот.

Со 16 поени поефикасен беше Питс, додека Аска забележа 15 поени, но имаше и 10 скока. Кај поразениот тим Бејли имаше 17, а Хортон 14 поени. Вториот натпревар од четвртфиналето меѓу Работнички и ТФТ е закажан за по два дена.