• Мартин Танасковски

ТФТ Скопје останува со максимален учинок во Супер лигата, откако како гостин славеше над Феникс 2010 (80-58) во меч кој се одигра во СЦ „Јане Сандански“ во рамки на петтата рунда од најдоброто кошаркарско друштво во Македонија.
- Комплетниот натпревар меѓу Феникс и ТФТ Скопје:
Екипата и по пет кола не знае за неуспех во домашниот шампионат. Или вкупно седум меча, ако се земат предвид настапите во АБА-2 лигата каде тимот на Боро Смилковски отвори со две победи во два меча. Со оваа победа, ТФТ се израмни со Пелистер на врвот како единствени тимови со пет победи на пет средби.
Во текот на целата средба тимот од Тафталиџе беше во плус. Феникс на Дервишевиќ водеше двапати, еднаш во првата и еднаш во втората четвртина, но тоа беше само поен плус. Гостинот највисоката позитива ја имаше во четвртиот период кога водеше со плус од 20 поени (45-65), но дозволи Феникс со серија од 12-0 да се врати на пристојна негатива. Сепак, победата ниеднаш не беше неизвесна, a високата разлика за ТФТ пак стана актуелна на семафорот.
Најдобар стрелец во победата беше Стојаноски со 14 поени, пред Гордон со 12 поени, додека кај Феникс, Златевски даде 18 поени, додека Рахама имаше 12 поени со десет скока.
Во следното суперлигашко коло ТФТ игра дома против Ангели, додека Феникс 2010 го чека гостување кај Тиквеш во Кавадарци.










