ТФТ остана на „нула“ во АБА-2 лигата, пораз и од Златибор

Македонскиот кошаркарски прволигаш ТФТ не успеа да дојде до првата победа во АБА-2 лигата. Тафталиџани загубија од Златибор (76-90), на стартот на вториот турнир во натпреварувањето и го доживеаја третиот пораз.

Избраниците на Боро Смилковски беа рамноправен ривал десет минути, поточно по првиот квартал кога резултатот гласеше 24-25 за Златибор, а потоа противникот влезе во серија и ја направи залихата која можеби го чинеше и пораз ТФТ на овој дуел.

Кон победата Златибор тргна во финишот на вториот квартал, кога се одлепи на 32-40. По паузата, српскиот тим поведе и двоцифрено (42-53), а иако ТФТ успеа да се врати на пет негатива во еден момент од овој период, сепак, со нова серија Златибор замина на највисоки +12 (52-64). Во последните десет минути, Златибор константно го одржуваше тој двоцифрен плус на своето конто.

Александар Костоски со 12 поени беше најдобар кај ТФТ, пред Ташовски со 11 поени, додека кај српскиот тим, Ѓуран даде 22, пред Тадиќ со 20 поени, додека Протиќ реализира 19 поени. Следен меч за ТФТ во АБА-2 лигата е против словенечка Крка која важи за еден од фаворитите за влез во елитата и во моментов има скор 3-0.