• Мартин Танасковски

Македонскиот претставник ТФТ го доживеа вториот пораз во втората фаза од БИБЛ-лигата. Тафталиџани загубија во Скопје од тимот на Макаби Хаифа (73-93), тим кој важи за еден од фаворитите за следна рунда.
Една четвртина ТФТ се носеше со противникот. Поточно, во воведните десет минути, кога тимот на Боро Смилковски имаше позитива од 25-16. По паузата гостите ги зедоа работите во своите раце, благодарение на добрата игра пред се во одбраната направија пресврт (38-40) и константно водеа.
Предноста од минута во минута растеше на контото на Макаби Хаифа. ТФТ беше ставен во позиција да брка, а веќе имаше двоцифрен дефицит кога на крајот на третата четвртина на семафорот стоеше 55-66. Последните десет минути тргнаа лошо за домаќинот и веќе беше јасен победникот.
Страхил Николов беше најдобар кај ТФТ со 21 поен, пред Амир Смит со 14 поени, додека Ландриус Хортон заврши со 12 поени. Кај Макаби Хаифа, Тејлор впиша „дабл-дабл“ од 23 поени и 11 скока.