ТФТ најави кам-бек во АБА-2 и амбиции за нов европски настап

Екипата на ТФТ Скопје се покажа во одлично светло минатата сезона во Првата македонска кошаркарска лига. Освен шампионот МЗТ Скопје, финалистот прикажа најмногу во мак-кошарката и затоа стигна до историската борба за трофејот. 

И во регуларната сезона ТФТ беше на само чекор зад „штрковите“ со еден пораз повеќе, потоа во плеј-офот фуриозно ги мина Чаир и Работнички со по 3-0, ама во финалето немаше сили за сензација. Успеа ТФТ да добие еден финален натпревар, но загуби со 3-1. 

Како вицепрвак тимот од Тафталиџе има право да аплицира за место во АБА-2 лигата, а тоа е и целта. ТФТ најави враќање во втората Јадранска лига во новата сезона, меѓутоа покрај тоа најави и настап во уште едно меѓународно натпреварување. 

Во минатото ТФТ настапуваше во квалификациите за ФИБА Европа купот, како и во Лигата на шампионите на ФИБА, па големи се шансита да аплицира за учество во едно од натпреварувањата.