ТФТ ја загуби драмата со Широки, но ќе има уште една шанса за влез во АБА!

Кошаркарите на ТФТ Скопје ја загубија финалната серија против Широки во АБА2 лигата, откако забележаа уште еден пораз, овој пат со конечен резултат 86-87. 

Тимот на тренерот Боро Смилкоски одигра подобро прво полувреме, на паузата имаше предност од осум поени (43-35), но немаше сили за евентуална сензација и трет натпревар во оваа серија.

Имаше ТФТ во неколку наврати високи +11, но Широки се одржуваше во игра преку одличниот Дмитрик Трајс, кој запиша 22 поени уште на средината од третата четвртина. Влегоа гостите во завршните десет минути со само два поена негатива (61-59). 

Стартот на последната четвртина донесе подобра игра на ТФТ, кој направи серија од 5-0 со поените на Говенс, но на спротивната страна незапирлив беше Трајс. Американецот не запираше со „бомбардирање“ од сите страни, по што Широки стигна до егал ситуација (69-69). 

Се разигра ривалот, го презеде и водството, но ТФТ не се предаваше и сакаше да оствари барем една победа во финалната серија. И покрај големата желба, домашниот тим малку ја загуби концентрацијата во финишот, а Широки тоа го искористи за да ја добие драмата и да триумфира со конечни 86-87.

За ТФТ не завршува историската сезона во АБА2 лигата, зашто ќе има нова шанса против Борац Чачак (претпоследен тим во АБА1), додека Широки обезбеди пласман меѓу најдобрите во јадранската елита и следната сезона ќе се натпреварува еден ранг погоре.

Најдобар поединец на денешниот меч беше Дмитрик Трајс со 32 поени, а во редовите на ТФТ, Дарин Говенс постигна 23 поен, а четири помалку имаше Стенли Дејвис.