ТФТ ја мина и Војводина и запиша втор триумф во АБА-2!

Екипата на ТФТ Скопје ја продолжи победничката серија во АБА-2 лигата и дојде до полн плен во натпреварот против српскиот претставник Војводина (75-71) одигран на домашен терен пред својата публика. Во претходната рунда, тафталиџани го победија Раднички Крагујевац и ова е одличен старт за тимот.

Дуелот на двата тима во СРЦ „Кале“ беше крајно израмнет. Ниту ТФТ Скопје, ниту Војводина, не се одлепуваа резултатски. Првиот квартал заврши 19-19, на полувремето беше 37-39, два позитива која гостите ја задржаа и по третиот период (56-58). Мала криза во нападот на ТФТ донесе серија за гостите од Србија, кои во четвртиот период заминаа на највисоки девет поени позитива (56-65).

Тоа беше знак за тренерот Боро Смилковски да повика тајм-аут и им одржа „лекција“ на своите кошаркари за односот на теренот. Таа дисциплинска мерка донесе и реакција, затоа што ТФТ направи серија од 9-0 и успеа да израмни на 65-65. Четири минути беа играчите на Војводина без постигнат поен, тоа донесе и драматичен финиш.

Потоа следеа и нови поени на Гордон, за зголемување на серијата на 11-0 и по долго време, враќање на водството за ТФТ (67-65). До финишот на мечот, тимот на Смилковски ја задржа разликата која ја стекна и ја запиша втората победа, иако српскиот гостин се врати во финишот и се обиде да приреди драма.

Виндел Гордон беше прв стрелец кај победникот со 21 поен и осум скока, пред Виктор Ташовски со 18 поени, седум скока и пет асистенции. Трето име во ТФТ беше Дарин Говенс со 14 постигнати поени. Кај Војводина, Марко Кљајевиќ постигна 20 поени. Во следното коло ТФТ повторно игра на домашен терен, а во Скопје гостува тимот на Хелиос Домжале (4. ноември, 18:00 часот).