ТФТ имаше повеќе нерви во Битола и му нанесе трет пораз на Пелистер!

Кошаркарите на ТФТ Скопје стигнаа до осмата сезонска победа во Суперлигата на Македонија, радувајќи се на тешкото гостување кај Пелистер со 83-87. По голема драма гостинската екипа стигна до двата бода на теренот во салата „Боро Чурлевски“, продолжувајќи во силен ритам и нанесувајќи им го третиот пораз на битолчани.

  • Комплетниот натпревар меѓу Куманово и ТФТ Скопје: 

Средбата тргна во добар ритам за скопјани кои отворија со 3-8, а потоа домашните се вратија и поведоа со 13-10. Се играше егал и екипите се менуваа во водството до крајот на четвртината, па пелистерци имаа 20-18 по десет минути игра. Доста сличен беше текот на мечот и во втората четвртина, се играше израмнето до 31-32, по што Пелистер направи серија од 9-0 за крај на полувремето и водство од 40-32. 

Успеа ТФТ на стартот на продолжението да се консолидира, добро го отвори вториот дел и стигна до 43-44. Повторно се играше егал и тоа беше најава за голема драма, а во последната четвртина Пелистер влезе со водство од 64-62. Успеаја избраниците на Боро Даскаловски да поведат со 70-66 пред гостинот од Скопје да влезе во подобар ритам. ТФТ се наметна во втората половина на четвртата четвртина, заигра доста посигурно и по 75-75 направи серија од 0-5. 

Завршните неколку минути беа преполни со прекини, се играше пенал-завршница во која ТФТ имаше повеќе нерви и умешно ја одбрани предноста за победа во Битола. Стенли Дејвис беше најдобар поентер на средбата со 25 поени зад своето име, а од помош му беше и Гордон со 22. Во таборот на пелистерци по 20 уфрлија Стајиќ и Малешевиќ.