ТФТ и Скопје го отвораат второто коло, шампионот гостува во Гевгелија

По возбудливото прво коло, Суперлигата продолжува со пет натпревари во рамките на вториот круг од сезоната.

Колото започнува попладнево од 18:30 часот во „Т Арената“, каде ТФТ ќе го пречека Скопје. Двата тима влегоа во сезоната со пораз, па овој натпревар ќе биде можност за првата победа во Суперлигата. ТФТ во првото коло загуби на гостувањето кај Пелистер во Битола, додека Скопје, кој минатата сезона настапуваше како Маџари, беше поразен на домашен терен од Кожув со 95-101. Овој дуел носи и дополнителна тежина поради случувањата од минатата сезона. Маџари приреди големо изненадување во полуфиналето од плеј-офот и го елиминираше ТФТ, кој претходно стигна до финалето на АБА 2 лигата.

Во сабота на програмата се уште три натпревари. Од 18:00 часот Работнички ќе го пречека Тиквеш во салата „Лазар Лечиќ“, додека во истиот термин во Куманово ќе играат МКК Куманово и ГКК Штип.

Дербито на колото е закажано за 19:00 часот во Гевгелија, каде Кожув ќе го пречека шампионот МЗТ Скопје Аеродром. Двата тима имаат победнички старт и со меѓусебната пресметка ќе го бркаат вториот триумф во Суперлигата.

Второто коло ќе биде комплетирано во недела од 17:00 часот со натпреварот меѓу Струмица 2001 и Пелистер во салата „Парк“.

  • МТЕЛ СУПЕРЛИГА – МАЖИ, 2 коло

8 октомври
18.30: ТФТ – Скопје
„Т Арена“ – Скопје

10 октомври
18.00: Работнички – Тиквеш Голден Игл
Спортска сала „Лазар Лечиќ“ – Скопје

18.00: МКК Куманово – ГКК Штип
Спортска сала во Куманово

19.00: Кожув – МЗТ Скопје Аеродром
Спортска сала „26.април“ – Гевгелија

11.октомври
17.00: Струмица 2001 – Пелистер
Спортска сала „Парк“ – Струмица