• Зоран Мишевски

Четиринаесеттото коло од шампионатот на Македонија ќе мине во знакот на големото дерби меѓу МЗТ Скопје и Работнички, в понеделник од 20:00 часот. Претходно, ова коло ќе стартува попладнево, со одигрување на три натпревари, сите со почеток од 18:00 часот.
Во СРЦ „Кале“, дуел на две екипи кои се „соседи“ на првенствената табела. ТФТ (8-5), го пречекува силно мотивираниот состав на Гостивар (9-4), кој зад себе ја има онаа голема победа над бранителот на шампионскиот пехар.
Во исто време, но во кавадаречки „Јасмин“, Еуро Никел 2005 (скор 8-5) го дочекува составот на Чаир 2030 (4-9), додека пак во Гевгелија, Кожув (5-8) ќе се обиде да ја продолжи серијата од две победи по ред, со уште една, во натпревар во кој за противник ја имаат екипата на Куманово 2009 (3-10).
Два натпревари се закажани за недела. Во терминот од 18:30 часот, во Битола, второпласираниот тим во лигата, Пелистер (10-3) е во улога на домаќин на екипата на Навико Академија ФМП (3-10).
Нешто подоцна, од 20:00.часот, но во салата на СЦ „Јане Сандански“, Феникс 2010 (8-5) ќе го пречека составот на Струмица 2022 (2-11) кој од ова коло ќе го предводи поранешниот селектор на машката сениорска репрезентација, Јорданчо Давитков.