• Зоран Мишевски

По паузата заради настапот на нашата сениорска репрезентација во квалификациите за Евробаскетот во 2025 година, овој викенд продолжуваат натпреварите и во нашата елитна конкуренција. На распоредот е 18 коло, кое со себе носи некои доста интересни натпревари.
Уште на стартот, денес од 13:00 часот, во СРЦ „Кале“ ќе започнат возбудувањата, со натпреварот на македонските тимови во АБА2 лигата - ТФТ Моцарт и Пелистер. Екипи кои се стремат кон горните позиции на табелата, макар што во овој момент, екипата од Битола има една победа повеќе (скор 12-5), во однос на домашната (11-6).
Нешто подоцна во СРЦ „Кале“ е предвидена уште една средба од овој круг на натпреварите. Ќе играат две екипи од долниот дел на табелата, Вардар и Кожув (двете со ефект 3-14), а го дочекуваат овој натпревар со сериозно променети ростери. Особено тоа се однесува за составот од Гевгелија, кој промени дури петмина кошаркари во ростерот во оваа пауза во шампионатот.
Од 18:00 часот,во салата „Шабан Трстена“ во Чаир, ќе играат Чаир 2030 (12-5) и Гостивар (5-12). Саботната програма ќе биде затворена со натпреварот во салата „Билјанини извори“ во Охрид каде, од 19:00 часот, гостува кавадаречки Еуро Никел 2005 (12-5).
Два натпревари ќе се играат во неделните термини. Работнички е голем фаворит против Навико Академија ФМП, а далеку понеизвесно треба да биде во дуелот меѓу Феникс 2010 (скор 10-7) и лидерот МЗТ Скопје Аеродром (14-3).
18. коло
Сабота (втори март):
13:00: ТФТ Моцарт – Пелистер
16:00: Вардар – Кожув
18:00: Чаир 2030 – Гостивар
19:00: Охрид – Еуро Никел 2005
Недела (трети март):
19:30: Работнички – Навико Академија ФМП
20:00: Феникс 2010 – МЗТ Скопје Аеродром