• Иван Димовски
Кошаркарите на ТФТ Скопје го изненадија Пелистер и славеа во мечот од 18. коло на Првата македонска лига со 77-66. Средбата која се одигра во СРЦ „Кале“ му припадна на домаќинот кој се наметна и држеше свое темпо. Момците на Смилковски со добар тимски перформанс го надиграа гостинот од Битола и заслужено славеа.
- Комплетниот натпревар меѓу ТФТ и Пелистер:
Вреди да се напомене дека подобро во мечот влегоа гостите. Пелистерци се наметнаа на стартот, најубедливо водеа со седум разлика и првиот период го завршија во позитива. До полувремето се играше израмнето, битолчани водеа на почетокот, а потоа пред одморот ТФТ дојде до минимално водство 34-33.
Веќе по паузата клубот од Тафталиџе во целост се наметна. ТФТ успеа да изгради предност која достигна максимални осум поени разлика. Клучниот период беше на стартот на последната четвртина кога домаќинот направи серија од 9-0 и се одлепи на двоцифрена предност. До крајот на мечот пелистерци ниту еднаш не се вратија под двоцифрената граница и претрпеа шести сезонски пораз.
Јуре Планиниќ од Пелистер беше најдобар играч на мечот со „дабл-дабл“ од 21 поен и 15 скока, додека Алан Луис кај ТФТ се истакна со 17 поени.