ТФТ го одбрани домашниот терен и со победа над Гостивар ја отвори новата година

Екипите на ТФТ Скопје и Гостивар ги „отворија портите“ од вториот дел од сезоната во Првата кошаркарска лига на Македонија. Зимската пауза за кошаркарите заврши, а првиот натпревар во новата година донесе многу возбудувања и неизвесна завршница, по која се радуваа домашните кошаркари, триумфирајќи со 77-71.

  • Koмплетниот натпревар меѓу ТФТ и Гостивар:

Двете екипи на паркетот во СРЦ „Кале“ истрчаа со иста цел, па уште во првата четвртина се водеше голема кошаркарска битка. Домаќинот се избори за минимална предност од 21-20, но во вториот квартал ситуацијата на теренот се промени – ТФТ влезе во серија и „побегна“ на девет поени на полувреме (46-37).

Во третите десет минути Гостивар беше за нијанса поефикасен и намали само еден поен од негативата, додека во последната четвртина ТФТ Скопје искусно ја сочува стекнатата предност и на крај заслужено славеше со 77-71.

Најпрецизни на натпреварот беа Митевски со 17 и Говенс со 16 поени. ТФТ Скопје со оваа победа се врати на лидерската позиција на табелата и сега го чека исходот од утрешното дерби меѓу МЗТ Скопје и Пелистер.