• Мартин Танасковски

Екипата на ТФТ Скопје се врати во колосек и по двата порази во низа дојде до победа над градскиот ривал Работнички (81-79), триумф со кој му се доближи на лидерот на табелата МЗТ Скопје кој киксна.
- Комплетниот натпревар меѓу ТФТ и Работнички:
Тафталиџани го искористија неуспехот на ривалот во Гостивар и дојдоа до скор 12-5, или на само една победа минус од лидерот МЗТ Скопје. Работнички одигра еден меч со осцилации, но тешко му одеше на тимот на Самарџиев, затоа што рано остана без Полутак заради технички грешки и исклучување.
ТФТ, кој цело време го имаше водството, до победата дојде во последниот период. Тоа се случи кога од 69-67, домаќинот во СРЦ „Кале“ влезе во серија. Стојаноски, Хотон и Зафиров врзаа седум поени во низа, за плус од девет (76-67) кои ТФТ во продолжението од мечот за малку не ги прокоцка. Имено, по промашени слободни фрлања, Работнички дојде во позиција за шут за победа за три, кој не го реализира Шошкиќ.
Најдобар поентер ТФТ на овој меч беше Говенс со 29 поени, пред Зафиров со 11 поени, додека Сапунџиев и Хотон дадоа по осум поени. Кај Работнички, Капетановиќ имаше 18 поени, а Шошкиќ уфрли 17 поени со уште 12 скока.