ТФТ донесе американски шутер од Португалија

Кошаркарскиот клуб ТФТ Скопје официјално го претстави своето најново засилување – американскиот кошаркар Станли Дејвис, кој пристигнува од Португалија и ќе го засили тимот пред настапите во АБА 2 лигата.

Дејвис, кој има 26 години, покрива позиции на бек и крило, а е познат по својот динамичен стил на игра и шутерска реализација. Минатата сезона во најсилната португалска лига во дресот на Галомар забележа просек од 14.2 поени, 2.8 скокови и 2.3 асистенции по натпревар, а неговото богато интернационално искуство вклучува настапи во дури осум различни земји.

Новиот член на „црно-белите“ се истакнува како играч кој не избегнува одговорност во клучни моменти и кој со својата енергија и искусност се очекува да биде значајна фигура во ростерот на Боро Смилковски за престојната сезона.

Со овој потег, ТФТ Скопје продолжува да го гради тимот со јасна амбиција за конкурентност во домашната кошарка, но и меѓународните настапи во Европа, како и во регионалната АБА 2 лига.