• Мартин Танасковски

Екипата на ТФТ Скопје ја запиша првата победа на домашната сцена и го совлада Скопје (102-98) во натпревар кој изобилуваше со поени и се одигра во СЦ „Борис Трајковски“ каде тафталиџани оваа сезона ги играат своите мечеви.
- Комплетниот натпревар помеѓу ТФТ Скопје и Скопје:
Екипата на Боро Смилковски за малку не направи од готово-вересија. Имаше ТФТ одлично отворање, првиот квартал го доби со 30-18 и константно водеше. На влезот на последните десет минути, домаќинот имаше и +17 поени (80-63), но потоа следеше несфатлив пад.
Скопје влезе во серија, а главен поентер беше Американецот Џонс. Потпомогнат од сонародникот Паркер, како и Волканоски, гостинот дојде на кош негатива (92-90) на минута до крајот. Во последните 60 секунди, помирна рака од линијата за слободни имаше Сила од ТФТ, кој на својот тим му ги донесе посакуваните бодови.
Секој Сила беше МВП на мечот и заврши со дабл-дабл од 23 поени и 15 скока, но вреди да се спомене и одличната партија на младиот тинејџер роден 2008 година, Ѓорѓи Цветковски, кој беше прв поентер со 24 поени. Придонес во победата на ТФТ дадоа и Луис со 16 поени, Вајт со трипл-дабл (11п, 10ск., 10ас.), како и капитенот Николов со десет поени.
Кај Скопје, Паркер одигра 40 минути и заврши со 31 поен и 12 скока, пред Џонс со 22 поени, двоцифрен беше и Џексон со 19 поени.










