Тежок пораз за „кралевите“ во Атина, ПАО си поигра со кошаркарите на Ласо

ПАО Реал Мадрид

Грчки Панатинаикос му зададе огромен удар на Реал Мадрид на стартот од овогодишното четвртфинале во Евролигата, поведувајќи во меѓусебната серија со денешниот триумф во Атина (95-67). Домашниот тим поведе од самиот старт и не дозволи да ја испушти предноста до крајот за почетна предност во најнеизвесниот дуел во оваа фаза.

Чави Пасквал одлично ја водеше екипата на денешниот натпревар, кој неговите кошаркари го започнаа фуриозно и стигнаа до 20-0 по само пет минути игра. Тоа ги шокираше гостите од Мадрид, кои не можеа да се соземат до крајот на полувремето, а воедно го загубија и вториот дел за да заминат на пауза со негатива од 46-30. „Кралскиот“ клуб продолжи да се мачи на гостувањата во Грција, а вечерва беше несвојствено неефикасен во нападот.

Очајната офанзива на Шпанците продолжи и во вториот дел и им донесе негатива од над 30 разлика во еден момент. Грчкиот тим продолжи да го полни гостинскиот кош, па само се чекаше конечниот резултат. Се чинеше дека кошаркарите на Реал се откажаа прерано и им дозволија на противниците да запишат лесна победа и да поведат со 1-0. Мајк Џејмс со 24 поени се истакна кај победничката екипа, додека кај гостите Ентони Рендолф постигна 11 поени.