Теодосиќ, Eртел, НБА ѕвездите... најзвучните отсуства на СП во Кина

СП ѕвезди

На крајот од месец август ќе започне Светското првенство кое ќе се одржи во Кина. Сите учесници ќе играат за да го спречат „дрим-тимот“ на САД да стигне до нова светска титула.

Меѓу фаворитите за највисок пласман се репрезентации како Србија, Шпанија, Австралија и Грција, а на Мундобаскетот фановите нема да имаат можност да гледаат голем број на ѕвездени имиња.

Најпрво се откажаа голем број на американски кошаркари од НБА елитата. Потоа започнаа повредите кои натераа неколку големи имиња од европските селекции да не патуваат на далечниот Исток.

Во тимот на Грег Попович нема да заиграат Џејмс Харден, Андре Драмонд, Кајл Лаури, Џулиус Рендл, Кајри Ирвинг, Ентони Дејвис, Зион Вилијамсон, Дејмиан Лилард, Каваи Ленард, Стеф Кари, Кемба Вокер...

Европската листа ја предводи Србинот Милош Теодосиќ, а потоа следуваат Алексеј Швед од Русија, Томас Ертел од Франција, Николо Мели од Италија и Јан Весели од Чешка. 

Натпреварите започнуваат на 31 август, а првенството ќе заврши со финалето закажано на 15 септември.