Темелковски за Gol.mk: Респект за Антиќ, но на зборови сите се силни!

Gol.mk ексклузивно интервју

Владимир Темелковски повеќе од една година успешно работи како спортски директор во Македонската кошаркарска федерација (МКФ), а за него сега доаѓа вистинскиот предизвик, затоа што се кандидира да биде прв човек на „куќата на кошарката“.

Разговара: Мартин Танасковски

Темелковски ќе се бори за претседателското место со Перо Антиќ, македонската кошаркарска легенда кој исто така ја истакна својата кандидатура. Можно е да има уште кандидати, а тој вели дека ја има потребната поддршка од клубовите, веќе 15 на списокот, но стравува од скриени игри.

„Лично, сметам дека доволно го запознав системот и неговите проблеми и дека имам капацитет да им помогнам на клубовите и да ја подобрам состојбата во мак-баскетот. Јас се изјаснив дека имам кандидатура и тврдам дека менаџерски сум далеку поспособен од мојот конкурент. Очекувам победа, доколку нема политика и скриени кандидати, го мразам тоа. Добиена е потребната поддршка уште пред две недели, повеќе од 15 клубови ја потпишаа мојата номинација и застанаа позади мојата менаџерска визија и план за подобрување на состојбата во кошарката“, вели Темелквоски во интервјуто за Gol.mk

Тој веќе ги има скроено и првите чекори што ќе ги направи доколку дојде на претседателското место, а тоа е изнаоѓање на траен „дом“ на македонските кошаркарски селекции, играчите, тренерите, судиите и канцелариите.

„Еден од првите чекори би бил изнаоѓање на трајно решение за спортски комплекс во којшто би се преселиле канцелариите на федерацијата и би работеле репрезентациите во текот на целата година, како и простории за асоцијацијата на тренери, на играчи, на судии и статистичари, за да може континуирано да работат на обуки и подобрување на состојба во нивните здруженија“, открива Темелковски.

Човекот кој функционира како спортски директор при МКФ веќе го има скроено својот тим, но не ги открива имињата. Вели дека сите ќе бидат професионалци и доколку дојдат на кошаркарската власт, одговорно и професионално ќе ја работат работата.

„Неблагодарно е да ја споменувам екипата што ќе биде зад мене. Јас настапувам менаџерски, ќе бидат професионалци. Повеќе ќе се дознае на Изборното собрание, каде ќе соопштам повеќе детали на оваа тема“, вели тој.

Според кандидатот за претседател на МКФ, во македонската кошарка има многу проблеми, исто како и во македонското општество. За него предизвик ќе биде да се работи доколку победи и најавува подобри времиња за овој спорт.

„Гледам многу проблеми во македонската кошарка. Исто како што има многу проблеми кои треба да се решат и во македонското општество. Гледам на предизвикот за справување и отстравување на нив. Како главен проблем ја гледам недоволната едукација во сите сфери на кошарката и неправилното менаџирање и изнаоѓање на потребните финансии. Спортскиот дел ќе го оставам на спортскиот директор, којшто ќе го објавам за време на Изборното собрание, а потоа ќе има и Управен одбор, кој ќе треба да ја спроведе визијата за подобра кошарка. Сметам дека Федерацијата сега на база на репрезентациите и федерациите направи голем исчекор и подобрување на резултатите во сите категории“, дециден е тој.

Против себе, Темелковски ќе го има Перо Антиќ, кој важи за еден од најуспешните, ако не и најуспешниот македонски кошаркар во историјата. Не се плаши од неговото кошаркарско реноме и вели дека се работи за големо име кое мора да се респектира.

„Името на мојот конкурент Перо Антиќ, на актуелниот претседател Петар Наумоски, на Владо Илиевски кој се појави како лански конкурент, исто тука се и Стефанов, Јовановски, Давитков... сите тие се големи имиња кои направиле многу на македонската кошарка. Треба да им сме вечно благодарни затоа што поради нив многу луѓе го сакале и го сакаат овој спорт. Но, сметам дека мојот конкурент треба прво да се соочи со реалноста на македонската кошарка, затоа што предолго е отсутен од неа, да види кои се клубовите и со кои проблеми тие се занимаваат. Македонија не Турција и Германија и САД, нашето првенство не е Евролига или НБА, нам ни треба правилен менаџмент и пат за да дојдеме до тоа. На зборови сите се силни, јас во последните 16 месеци секојдневно сум на терен со клубовите“, заврши Темелковски.

Изборното собрание за прв човек на МКФ ќе се одржи на 15 мај во „Сквер 21“ со почеток од 12:00 часот.