Тектонски поместувања во НБА: Бруклин од маргинален тим, со Дурант, Ирвинг и Харден стана фаворит!

Бруклин Нетси можат тектонски да го поместат тежиштето на НБА лигата, откако во своите редови покрај суперстар играчите како Кевин Дурант и Кајри Ирвинг, го договори и Џејмс Харден. „Брадата“ е еден од најдобрите поентери на денешницата, шутот за три поени му е најсилно оружје и често беше главна алка во редовите на Хјустон.

Овој трејд автоматски го сместува Бруклин меѓу главните претенденти за тронот, а со сигурност би било одлично да се види дуел против најголемиот фаворит Лејкерси. Едноставно, неверојатно ќе биде кога на теренот во регуларен НБА натпревар на спротивни страни ќе се најдат Леброн и Дејвис, наспроти Дурант, Харден и Ирвинг. Многу веројатно „брадата“ е последното парче во сложувалката која Нетси ги сместува високо на пиедесталот и веднаш буди шампионски сништа кај фановите.

Иако во Бруклин имаат неверојатен шутер во името на Џо Харис, сепак мора да се признае дека Харден е друга димензија. Константноста не е нешто што го краси Харис, а напротив е присутна кај Џејмс Харден. Така, со плејмејкерските способности на Ирвинг, шутерската природа на „брадата“ и ол-араунт настапите на Кевин Дурант, Бруклин има тим кој не само што може да парира со најсилните, туку ако се поклопат коцките и може лесно да ги победува.

Нетси од екипа која беше само маргиналец минатата сезона, за кратко по враќањето на повредените Дурант и Ирвинг, а сега и со Харден, станува ако не прв, тогаш втор претендент за насловот. Останува да се види како сè тоа ќе изгледа на теренот, но Харден и Дурант работеа заедно во Оклахома, па се очекува лесно да најдат заеднички јазик.