Тавареш се повреди, Реал без својот „џин“ до крајот на март?

Кошаркарот на Реал Мадрид, Еди Тавареш ќе отсуствува извесно време од терените поради повреда на скочниот зглоб. Тавареш се повреди пред три дена во финишот од натпреварот од 26. коло на Евролигата против АСВЕЛ. Репрезентативецот на Зеленортските Острови беше подложен на дополнителни прегледи, по што беше утврдено дека се работи за полесна повреда, но уште не е познато кога еден од најдобрите играчи на Евролигата би можел да се врати на теренот.

„Челниците на Реал одлучија Тавареш да не брза со закрепнувањето, а на теренот ќе се врати кога ќе биде целосно подготвен. Реал не сака да ризикува Тавареш да ја влоши повредата“, пренесуваат шпанските медиуми.

Реал во следните две недели ќе одигра четири натпревари во Евролигата. Мадридскиот клуб оваа недела на домашен терен ќе игра со Басконија и Валенсија, потоа ќе гостува во Анадолу Ефес, а на крај во Мадрид ќе го пречека италијанскиот тим Олимпија Армани.

Тавареш оваа сезона во Евролигата има просек од 10,6 поени и 7 скока, 1,4 асистенции и 2,4 блокади по натпревар. Реал е прв на табелата на Евролигата со 18 победи и 7 порази.