• Мартин Танасковски

Екипата на Бостон Селтикс продолжи со добрата форма на Истокот и со триумф над Бруклин Нетс (126-120) ја впиша третата победа во низа, а на „мрежичките“ им го нанесе четвртиот пораз во серија и ги истисна од плеј-оф зоната.
- Извештај од натпреварот:
Ова беше втор натпревар по кам-бекот на првата ѕвезда на Бруклин, Кевин Дурант. Американскиот шутер ги намести нишаните и имаше одличен натпревар со 37 постигнати поени зад своето име, но сето тоа го засени Џејсон Тејтум, кој финишира со 54 поени и беше убедливо прво име на мечот.
Поддршка за Тејтум во тимот на „детелинките“ беше Џејлин Браун кој постигна 21 поен, додека во тимот на Бруклин, Кајри Ирвинг, инаку екс-играч на селтикси, постигна вкупно 19 поени.
Бостон Селтикс по 66 одиграни натпревари имаат 39 победи, додека Бруклин Нетс имаат 65 меча и вкупно 32 победи.