• Зоран Мишевски
Македонската сениорска репрезентација ја комплетираше првата фаза од претквалификациите за Евробаскетот 2029 со максимален учинок. Победата над Луксембург (80-66) беше шеста во исто толку натпревари за избраниците на селекторот Жозеп Марија Берокал, кои без пораз го освоија првото место во групата „А“ и обезбедија пласман во следната рунда.
Еден од најдобрите поединци на средбата, Виктор Ташовски, истакна дека Македонија одиграла уште еден квалитетен натпревар и целосно заслужено го завршила циклусот со максимален ефект.
„Одигравме одличен натпревар, доминиравме во текот на целата средба и докажавме дека сме поквалитетна репрезентација од Луксембург, иако настапивме без неколкумина од нашите најважни играчи. Овој циклус го завршивме со максимални шест победи од шест натпревари, го освоивме првото место во групата и обезбедивме пласман во следната фаза. Ќе продолжиме да работиме напорно и ќе се обидеме да докажеме дека Македонија заслужува да биде на повисоко ниво и да се натпреварува со уште поквалитетни репрезентации“, изјави Ташовски.
Македонија е единствената селекција која ја заврши првата фаза од претквалификациите без пораз. Следен предизвик за нашата репрезентација ќе биде вториот претквалификациски круг, кој започнува на 27 август.

