Светскиот шампион не се шегува, Франција убедливо поразена во дуелот за прво место

Светскиот шампион во кошарка не се шегува. Кошаркарската селекција на Германија извојува уште една убедлива победа на олимпискиот турнир и го потврди првото место во групата Б. Во дербито на денот Германците го „треснаа“ домаќинот Франција, совладувајќи го со високи 71-85.

Планетарниот владетел поквалитетно го отвори дуелот во париската сала и диктираше свое темпо на игра, кое кулминираше со неверојатни втори десет минути. По првата четвртина резултатот беше 18-24 за гостите, по што следуваше доминација на Германците. Франција влезе во сериозна криза, постигна само девет поени, а прими дури 24, па прашањето на победникот веќе беше решено. На полувреме се замина со +21 за фаворитот (27-48).

По паузата Франција го подигна нивото на играта, но Германија продолжи со одличниот настап и го зголеми водството на +23. Во последниот квартал бундес-тимот се опушти, а тоа донесе нешто поефикасна игра на домаќинот, но доволно само за пораз од 71-85.

Шродер и Вагнер со по 26 поени диригираа во таборот на победничкиот тим, додека за Франција се истакна Вембањама со 14 поени.