Светски шампион со Германија е последното засилување за Олимпија Милано

Евролигашот Олимпија од Милано, официјално доведе уште едно засилување во пресрет на новата сезона. Се работи за германскиот плејмејкер Маодо Ло, кој пристигнува од таборот на берлинска Алба. 

Ова за него е прв ангажман надвор од границите на Германија, а претходно настапуваше уште за Баерн Минхен и Бамберг. Италијанскиот тим во него гледа идеално решение за една од бековските позиции, затоа што Ло има големо искуство и може да биде одлично засилување за тимот. 

„Првпат ќе заиграм надвор од Германија и се радувам на новиот предизвик. Имам искуство од Евролигата и сакам истото да го пренесам во тимот на Олимпија. Мојата кариера добро се развиваше, а и јас сега сум многу позрел играч. Имам големи амбиции и мислам дека во Милано ќе можам одново да го покажам својот потенцијал“, изјави Германецот. 

Маодо Ло беше прва замена за одличниот Денис Шрудер на неодамна завршениот Мундобаскет, каде Германија за првпат во историјата се закити со светската круна. Сите овие успеси беа доволна причина за трансфер на плејмејкерот во италијанскиот евролигаш.