Супер-засилување доаѓа во Битола: Младеновиќ потпиша за Пелистер

Иако не успеа да ги повтори добрите партии од регуларниот дел на сезоната и во плеј-офот, битолски Пелистер не очајува и веќе започна да го формира тимот за следната сезона. Пелистерци не се обесхрабруваат, напротив, почнуваат со големи засилувања на и вака квалитетниот ростер.

Плејмејкерот Марјан Младеновиќ денес потпиша двегодишен договор и наскоро ќе биде и официјално претставен во клубот од Битола. Повремениот репрезентативец повторно ќе работи со Марјан Илиевски, со кого заедно триумфираа во БИБЛ лигата во 2019 година со Блокотехна

Велешанецот имаше неколку понуди по завршувањето на договорот со Работнички, но се одлучи да ја прифати понудата од Битола. Младеновиќ, покрај за Блокотехна и Работнички, настапуваше и за Гостивар и за Куманово.

Пелистер има договор со Трајковски и Стајиќ и околу македонските играчи го гради тимот за следната сезона. Подготовките за шампионатот 2021/22 се предвидени за третата недела од месец август.