Супер-меч на Аска и Питс, Работнички преку Вардар им се врати на победите

Работнички на домашен терен ја оправда улогата, славеше над Вардар (92-72) и им се врати на победите во македонскиот кошаркарски шампионат и борбата за подобар пласман пред влвезот во разигрувањето за титула.

Центарци се мачеа едно полувреме, а потоа во неколку минути го скршија отпорот на ривалот. Вардар имаше сила да се носи 20. минути, затоа што на паузата резултатот гласеше 38-38, а потоа, фаворитот почна да диригира.

Главната разлика вредна победа Работнички ја направи кога Питс и Ефремовски влегоа во ритам, на отворањето на третиот период. Двајцата погодија неколку двојки и две тројки, за предност од 54-43, па останатиот дел од мечот беше само рутина за тимот на Мираковски.

Одличен натпревар одигра и новото засилување Иван Аска. Американецот постигна 30 поени и додаде уште осум скока и беше убедливо прв стрелец пред Питс со 25 поени. Трет стрелец кај Работнички беше Виктор Ефремовски со 15 поени. Кај Вардар, Диксон даде 19 поени, а високиот Дујковиќ застана на десет.

  • Комплетниот натпревар меѓу Работнички и Вардар: 

Работнички има одиграно 19 натпревари, а зад своето име има скор 13-6. Во следната рунда центарци ќе се соочат со најлошиот прволигаш според скорот, Црн Дрим (25 април).