• Саше Љолес
Репрезентативецот на Србија, Марко Гудуриќ, упати пофални зборови за своите соиграчи, за кои рече дека одиграле максимално квалитетно против незгоден противник како што е селекцијата на Јужен Судан.
Африканците долго се држеа во егал против нашиот северен сосед, на моменти делуваа и дека можат да дојдат до изненадување, но квалитетот на Србија излезе на виделина во клучните моменти.
„Знаевме дека ќе биде тежок натпревар. Тие се огромни, високи и физички снажни. Гордо ја претставуваат својата земја и мислам дека во иднина ќе бидат уште посилни како тим.
Ние бевме мирни, одигравме паметно и го покажавме нашето големо искуство. Тоа ни помогна многу во овој меч. Суданците нема да бидат лесен ривал за никого, честитки за нивниот настап“, рече Гудуриќ.
Србија со две победи во групата Ц обезбеди учество во четвртфиналето на олимпискиот турнир, каде ќе се соочи со селекцијата на Австралија.