Стојановски се врати, МЗТ убедливо го надигра Вардар

Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје ја оствари зацртаната цел. По поразот во „вечното дерби“ со Работнички, аеродромци преку Вардар (82-66) им се вратија на победите во Првата лига.

  • Комплетниот натпревар меѓу МЗТ Скопје и Вардар: 

Избраниците на Радуловиќ го надминаа хендикепот, отсуството на капитенот Дамјан Стојановски сега е минато, па очекувано запишаа висок триумф. Уште од стартот на натпреварот разликата во класи беше евидентна, а МЗТ Скопје како што одминуваше мечот, така се одлепуваше резултатски.

По десет минути игра во Аеродром резултатот гласеше 21-17 за домашните, а со добар втор квартал и ефикасен напад, се обезбеди двоцифрена предност на полувреме (42-31) која цело време се чуваше. Печат на високата победа се стави во последните десет минути кога Вардар го „положи оружјето“, а МЗТ Скопје тоа не го прости, па со серија 18-7 обезбеди висока разлика.

Одличен кај победникот беше Андрија Бојиќ со „дабл-дабл“ од 19 поени и 11 скока, пред Стојановски кој реализира 15 поени на првиот меч по кам-бекот по отсуството поради ковид-19, Кај Вардар, Ташовски постигна 17 поени, пред Диксон со „дабл-дабл“ од 10 поени и 10 скока.

За МЗТ Скопје ова беше единаесетта победа во Првата лига по 17 одиграни средби, додека Вардар е претпоследен со скор 4-16.