• Саше Љолес
Капитенот на македонската кошаркарска репрезентација, Војдан Стојановски, ги прокоментира очекувањата од натпреварот против Ирска во претквалификациите за Европското првенство.
Нашите кошаркари знаат дека ја имаат фаворитската улога во овој двобој, но Стојановски предупредува дека мора да се одигра внимателно, зашто Ирска е далеку поквалитетен ривал од Азербејџан.
„Ирците се поквалитетен противник од Азербејџан. Но, она што ние мораме да го сториме е да ја оправдаме фаворитската улога на терен. Најважно е да ја играме нашата игра, да покажеме 40 минути борба како против Азербејџан. Ако го направиме тоа, добриот резултат нема да изостане.
Имаме добра група на момци кои работат напорно, гинат за секоја топка на теренот и покажуваат карактер, што е најава за уште подобри резултати во иднина. Јас сум убеден дека можеме да играме далеку поквалитетно, особено кога би биле комплетни со враќањето на Димитријевиќ и Маслинко.
Ме радува тоа што атмосферата е на највисоко ниво. Имаме добри услови за работа, што е предуслов и за добри резултати. Искрено, мислам дека не ни е местото во оваа група.
Имаме многу поголем квалитет од нив, а тоа сакаме да го покажеме на терен. Да бидеме први во групата и да се пласираме во главните квалификации, и да играме со репрезентации кои се на нашето ниво“, заклучи Стојановски.
Натпреварот помеѓу Ирска и Македонија е на програмата денес, со почеток во 18:00 часот.

