Стојановски: Никогаш не знаеш што ќе ти донесе спортот, па дури и со Шпанија!

Дамјан Стојановски е единствениот играч во актуелниот тим кој пред една деценија беше дел од ростерот кој на Европското првенство (ЕП) во 2011 година биеше битка за историски медал со Шпанија. Сега, за нашата кошарка следи нов дуел со „фуријата“, овој пат во квалификациите за СП 2023.

По една деценија овие две селекции ќе играат официјален натпревар, а Шпанија за првпат гостува во Скопје. Стојановски вели дека мора да се биде фокусиран и максимално концентриран во текот на целиот натпревар ако се сака резултат против силниот ривал.

„Мислам дека секој натпревар мора да е посебна приказна за себе. Почнуваме со актуелниот светски првак, самото тоа говори по себе за каква квалитетна репрезентација станува збор. Мора да бидеме најдобри доколку сакаме позитивен резултат на тој натпревар. Шпанија си е Шпанија, со кој состав и да дојде има квалитетни играчи. Како што напоменав, мора да сме максимално спремни и фокусирани во текот на целите 40 минути од натпреварот. Во спортот никогаш не се знае што ќе биде и што тој ќе ти донесе, така што ние ќе се бориме максимално и ако ни се даде можност и шанса да бидеме победници на овој натпревар“, изјави Стојановски.

Натпреварот меѓу Македонија и Шпанија се игра во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 19:30 часот. Ова е прв меч од мундијалските квалификации и за двете репрезентации.