Стојановски: Не се адаптиравме навреме на Исланд, сега гледаме само напред

Македонската репрезентација за играчи до 16 години загуби од Исланд на стартот на Европското првенство - Б дивизија.

„Црвено-жолтите“ имаа свои моменти, но не успеаја да одговорат на физичкиот пристап на противникот. Селекторот Дејан Стојановски смета дека еден од клучните проблеми бил токму во адаптацијата на играта на Исланѓаните, но и во недисциплинираниот напад. Дополнителен проблем биле грешките при ротациите во зонската одбрана, поради кои Македонија му дозволила на противникот голем број отворени позиции за шут од далечина. И покрај поразот, Стојановски не сака долго да се задржува на овој натпревар.

„Очекувавме физички многу силен противник, но не успеавме навреме да се адаптираме на нивниот стил на игра и да го спроведеме она што го договоривме пред натпреварот. Со зонската одбрана успеавме да се вратиме резултатски, но во нападот премногу брзавме и не бевме дисциплинирани во реализацијата на нашите поставени акции. Во еден период можеби предолго останавме во зонска одбрана. Тоа беше тренерска одлука и ја преземам одговорноста за неа, но направивме многу грешки во ротациите и му дозволивме на противникот премногу отворени шута за три поени.

Исланд упати дури 51 шут за три поени, нешто што навистина ретко се гледа. Погодија 13, а ние, за разлика од вчерашниот натпревар, не бевме шутерски расположени и во повеќе ситуации носевме лоши одлуки во изборот на шут.

Конечниот резултат не ја отсликува целосно сликата на теренот, бидејќи долго време натпреварот беше израмнет. Во финишот се обидовме уште еднаш со пресинг да се вратиме, но веќе беше предоцна.

Сега гледаме само напред. Веќе утре нè очекува дуел против исклучително квалитетна репрезентација, а ние ќе дадеме сè од себе, исто како што го направивме и денес“ - резимира Стојановски по првиот негативен резултат на првенството.

Македонските кошаркари веќе денес во 18:30 го играат вториот натпревар против селекцијата на Хрватска.