Стојановски: Наградата ме радува, ама МВП е целата екипа на МЗТ

МЗТ Скопје се врати на тронот во Купот, а најдобар поединец во тимот беше Дамјан Стојановски. Македонскиот репрезентативец по победата над Работнички им честита на сите, а затоа што беше прогласен за МВП, кажа дека тој не се чувствува така, туку потенцира дека целиот тим е заслужен за успехот.

„Како екипа игравме одлично, се жртвуваме еден за друг. Поголемата ротација резултираше со триумф на нашиот МЗТ. Во одбрана игравме одлично и мислам дека таму го добивме дуелот со ривалот. Тројката која ја дадов беше моментална инспирација, не сум јас задолжен да бидам најдобар, иако добив признание. Наградата е само мало признание, ама МВП е целата екипа која играше на ниво“, изјави Стојановски по мечот.

За МЗТ Скопје ова беше десетта титула во Купот на Македонија. Стојановски го освои четвртото МВП признание во кариерата.