Стојановски: МЗТ си има исти цели, само да играме во – топли сали!

Новата сезона во Суперлигата носи нови предизвици, а во пресрет на стартот на шампионатот своите очекувања ги сподели капитенот на МЗТ Скопје Аеродром, Дамјан Стојановски.

Искусниот репрезентативец истакна дека амбициите на актуелниот македонски кошаркарски гигант остануваат непроменети. борба за сите трофеи и што подобри резултати на меѓународната сцена.

„Амбициите на МЗТ Скопје Аеродром се секогаш исти – највисоки. Како и секоја година, така и оваа целите се највисоки и во домашното првенство и во АБА2 лигата, а дополнително сакаме да оствариме што подобар пласман и во ФИБА Еврокупот“, изјави Стојановски.

Капитенот смета дека најсилното оружје на „штрковите“ во претстојната сезона ќе биде колективот и енергијата со која тимот ќе настапува на теренот.

„Најголемото наше оружје во сезоната што е пред нас ќе бидат тимската игра и енергијата. Верувам дека токму тие сегменти ќе ни помогнат да ги оствариме поставените цели“, додаде Стојановски.

На прашањето што очекува од новата сезона во македонската елита, капитенот на МЗТ даде интересен и директен одговор.

„Од новата сезона во Суперлигата очекувам да играме во топли сали“, порача низ насмевка Стојановски.

МЗТ Скопје Аеродром и оваа сезона важи за главен фаворит за шампионската титула.