• Саше Љолес

Кошаркарите на Пелистер се максимално фокусирани и мотивирани за претстојните предизвици, почнувајќи од саботниот дуел со Маџари во плеј-офот на македонската Суперлига.
„Зелено-белите“ како третопласирани влегуваат во доигрувањето и дополнителните пет рунди во пресрет на плејофот, со јасна цел да забележат што повеќе триумфи.
Маџари е тим против кого битолчани забележаа две победи во регуларниот дел од сезоната, но репрезентативецот Лука Стојановски е свесен дека задачата на саотниот дуел нема да биде нималку лесна.
„Маџари е одлична млада екипа што игра брза кошарка. Имаме две победи против нив, но тоа не значи ништо, секој дуел е приказна сама за себе и мора да се одигра максимално ако сакаме да оствариме триумф.
Можам да кажам дека во следниот период ќе се види квалитетот на најдобрите шест екипи во мак-баскетот, во директните пресметки за влез во полуфиналето. Според мене клучен ќе биде пристапот, мораме да играме зрело, но и да бидеме подеднакво фокусирани во текот на сите 40 минути.
Следните средби ни се шанса за да се вратиме во победнички ритам, шанса што не смееме да ја пропуштиме“, вели Стојановски.
Пелистер ја пречекува екипата на Маџари во натпреварот кој ќе се одигра на единаесетти април, а почетокот е закажан за 18:00 часот.




