Стојановски: Ја надминавме кризата со напорна работа, заслужено славевме против Чаир

Плејмејкерот на КК Пелистер, Лука Стојановски, изрази задоволство од победата на неговиот тим над Чаир 2030 во првата македонска лига и најави уште подобри изданија во следните натпревари. 

Четата на Александар Петровиќ ја прекина низата од четири натпревари без победа, а младиот Стојановски смета дека тимот излегол од кризата поради напорните тренинзи и плодотворната работа на сите соиграчи. 

„Тимската игра и колективната одбрана беа клучни за победата над Чаир. Оваа победа ни ја врати самодовербата и очекувам уште подобри изданија во иднина.

Никогаш не е убаво кога тимот влегува во резултатска криза, но успеавме да го надминеме тоа со напорна работа и дисциплина на тренинзите.

Внимававме на сите детали во кои покажувавме одредени слабости, се коригиравме и заслужено славевме против незгодниот тим на Чаир“, смета Стојановски. 

Пелистер во моментов е на петтата позиција на прволигашката табела, со учинок од шест победи и три порази. Во следното коло „зелено-белите“ ќе се соочат со екипата на Вардар во Скопје.