Стојановски и Крстевски блескаа, МЗТ ја сопре бајката на ТФТ

Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје на домашен терен беше подобар од сензацијата ТФТ (91-78) и по поразот од Пелистер им се врати на добрите игри во Аеродром на домашната сцена.

Тимот од Тафталиџе на Боро Смилковски беше хит во домашниот шампионат со четири победи во низа и во дуелот со аеродромци влезе во позитивна атмосфера, ама во последниот квартал играта на гостите се распадна и поискусниот МЗТ предводен на „македонски погон“ тоа го искористи.

„Штрковите“ на Кочов доста се помачија за да дојдат до победата. На стартот на мечот, МЗТ тотално доминираше, со пет тројки дојде до +16 против ТФТ (37-21), но гостинот не се предаде, па преку Смит, Харис и Хортон, потпомогнати од младиот Митревски, направија супер-серија и на полувреме имаа 43-43.

Изедначената игра продолжи и понатаму, двете страни си го предаваа водството, се до последниот период. Одличен беше Стојановски кога беше најпотребно и со тројки го држеше тимот во добар ритам. Кочов ризикуваше, играше со Крстевски иако имаше четири фаули, слична беше ситуацијата и со Бојиќ, но тоа вроди со плод. ТФТ беше затворен во рекетот, Крстевски и Стојановски беа феноменални, за серија од 14-2, предност од 89-77 и крај на надежите на дебитантот за позитивен резултат во Аеродром.

Најдобар кај победникот беше Стојановски со 30 поени, пред Крстевски и Магдевски со по 13 поени, додека кај ТФТ, Смит имаше „дабл-дабл“ од 18 поени и 16 скока, пред Харис со 16 поени и 10 асистенции. Добра партија имаше и младиот Митревски, со 15 поени, а Хортон запиша 14 поени.

МЗТ во домашниот шампионат има само седум меча и е со скор 4-3, додека ТФТ го доживеа третиот неуспех и моментално се наоѓа на третата позиција на табелата (7-3).