Стојановски и Гравелин ја прескокнаа првата пречка во Купот на Франција

Војдан Стојановски резултатски успешно го „помина“ својот последен меч пред да му се придружи на нашиот национален тим во квалификациите за Евробаскетот во 2022 година.

Со неговиот Гравелин имаа нималку лесно гостување во Денаин (екипа од ПРО Б лигата), каде го одиграа натпреварот од првото коло од Купот на Франција. По голема борба и дополнителни пет минути, членот на француската ПРО А лигата славеше со резултат 107-100).

Она што е поважно е дека капитенот на „црвено-жолтите“ одигра скоро 23 минути. Притоа реализираше ефект од осум поени (1/1 за три, 1/3 за два и 3/3 за еден поен), плус три асистенции и два скока.

По задолжителното ПЦР тестирање по враќањето во Данкерк, веќе од понеделник, Стојановски ќе им се приклучи на своите репрезентативни соиграчи на патот кон Талин, и ќе му се стави на располагање на селекторот Александар Тодоров за средбите против репрезентациите на Италија и на Естонија.