Стојановски: Дали и колку ќе бидеме конкурентни, ќе зависи од составот

Капитенот на македонската кошаркарска репрезентација, Војдан Стојановски, смета дека квалификациската група што ја добија „црвено-жолтите“ за Европското првенство е добра и дава одлична можност за реална оценка на нашите сили. 

Македонија ќе игра против Чешка, Израел и домаќинот на квалификацискиот турнир, Естонија. Стојановски смета дека групата е конкурентна и доаѓа во одличен момент за нашите репрезентативци. Стојановски даде изјава за сајтот на Кошаркарската федерација на Македонија и изјави дека е оптимистички расположен за предизвикот. 

„Сметам дека групата што ја добивме е добра. Кога велам добра, мислам на тоа дека носи реален квалитет и можност да видиме каде сме, односно каде ќе бидеме во тој момент. Ќе биде одлична можност за проверка на нашите квалитети во еден повисок квалитативен ранг од оној што го го игравме во изминатите претквалификации за Евробаскетот. Пред нас се три доста квалитетни селекции. Естонија е домаќин на турнирот, а тоа значи дека штом испратиле пријава за организација, имаат високи амбиции. Израел и Чешка се постојани учесници на Евробаскетот. Чесите беа и домаќини на една од групите на претходниот собир на најдобрите европски селекции.

Ќе видиме колку ќе бидеме конкурентни, тоа зависи во каков состав ќе отпатуваме во Талин. Се надевам дека за разлика од последниот циклус од претквалификациите, ќе бидеме комплетни и нема да имаме повреди. Ќе можеме да сметаме и на некои играчи кои ги немавме на минатите натпревари, како Љубомир Младеновски и други. Се надевам дека ќе го имаме и Ненад Димитријевиќ и дека со нас ќе биде и Андреј Јакимовски. И најважно од сè, е да нè послужи здравјето во периодот кој што следува“, изјави капитенот Војдан Стојановски. 

Квалификацискиот турнир ќе се одигра во главниот град на Естонија, Талин, во периодот меѓу 12 и 15 август, а капитенот се надева дека овој пат тимот ќе биде комплетен. Македонија успеа да ги мине претквалификациите и по долго време ќе има можност да се избори за учество на континенталниот шампионат кој ќе се одржи во 2025 година, а домаќини ќе бидат четири држави - Летонија, Кипар, Финска и Полска