Стигна демант од Пешиќ: Сè уште не се знае дали Јокиќ ќе игра за Србија во Париз

Како гром од ведро небо дојде веста дека НБА-ѕвездата и еден од најдобрите кошаркари на денешницата, Никола Јокиќ ќе го носи дресот на репрезентацијата на Србија на претстојните Олимписки игри, но, веста од „Максбет“ набрзо беше демантирана од селекторот Светислав Пешиќ.

Пешиќ во интервју за „Б92“ вели дека сè уште нема сознанија дека Јокиќ се согласил да игра за Србија во Париз и додаде дека навремено ќе ја информира јавноста кога ќе има повеќе информации за тоа.

Денвер Нагетс, каде настапува Јокиќ, неодамна беше елиминиран во полуфиналето на плеј-офот на Западната конференција од Минесота со 4-3 во серија, па кај народот се роди надеж дека сега кога релативно рано нема обврски во НБА лигата, можеби ќе го облече дресот на репрезентацијата и ќе ѝ помогне на Србија во потрагата по олимпиското злато. 

Но, барем засега сè уште нема конкретни информации за тоа... Кошаркарот на Сомбор последен пат играше за Србија на Европското првенство во 2022 година, кога „орлите“ беа елиминирани од Италија во осминафиналето.