• Мартин Танасковски
Стеф Кари, еден од најдобрите кошаркари во историјата на НБА лигата, нема дилема каде сака да ја заврши својата блескава кариера. Легендарниот плејмејкер јасно порача дека неговата желба е до последниот ден да остане дел од Голден Стејт Вориорс.
Според американските медиуми, Кари следното лето ќе има можност да потпише нов двегодишен максимален договор вреден повеќе од 130 милиони долари, а раководството на Вориорс е подготвено целосно да му ја препушти иницијативата околу условите за продолжување на соработката.
„Нема никакво сомневање дека сакам да останам тука до крајот на кариерата и апсолутно сум сигурен дека тоа ќе се случи“, изјави Кари во претходно интервју.
Единствената поголема грижа во моментов е неговата здравствена состојба. Искусниот бек минатата сезона одигра само околу 40 натпревари поради проблеми со коленото, но прогнозите се охрабрувачки. Доколку рехабилитацијата се одвива според планот, се очекува Кари во новата сезона повторно да биде во препознатлив ритам и да настапи на повеќе од 70 натпревари.
Кари има 38 години и од почетокот на својата НБА кариера во 2009 година е дел исклучиво од Голден Стејт. Во дресот на Вориорс изгради легендарен статус, освојувајќи четири шампионски титули и поставувајќи бројни рекорди кои го вбројуваат меѓу најголемите кошаркари на сите времиња.
