Стартуваат кошаркарските возбудувања: МЗТ Скопје одново голем фаворит за трофејот

По Суперкупот во кој МЗТ Скопје ја оправда улогата на фаворит против Феникс, денес и официјално ќе биде отворена завесата во Првата кошаркарска лига на Македонија.

Неколку дена порано од предвидениот термин, поради обврските кои ги имаат екипите на Работнички и Феникс 2010 во рамките на ФИБА Еврокупот, првите натпревари од новата натпреварувачка сезона 2023/24 ќе се одиграат вечерва. Со почеток од 18:00 часот во салата „Кале“, Работнички ја пречекува екипата на ТФТ Моцарт.

Клубот со најмногу шампионски титули во домашниот шампионат, Работнички, ќе ја отвори сезоната со натпреварот против „соседот“ ТФТ. Воведни 40 минути вo кои стручниот тим на„црвено-белите“ ќе има прилика да види како „изгледа“, прилично реновираниот состав во кој има голем број на нови играчи.

Последниот од нив, репрезентативецот Кристијан Николов, кој ја засили бековската линија во која како нови лица се и Бобан Стајиќ, Американецот и Дмитрик Трајс, а од „староседелците“, тука е и младиот репрезентативец, Андреј Шошкиќ, Филип Бакоч, Леонид Тодоровски, Ѓорѓе Џелетовиќ Нови имиња во ростерот на Работнички за новата сезона се Роберт Рикиќ, Квентон Декоузи, како и уште еден репрезентативен двоец, Виктор Ефремовски и Стојан Ѓуроски, кои ќе ги пополнат надворешните позиции. Ова го прави Работнички најголем конкурент на МЗТ Скопје за домашниот трофеј. 

Шампионот, пак, кој во последните десет години доминира на домашна сцена, и оваа сезона е прв фаворит за титулата. Аеродромци успеаја да го сочуваат најдоброто од минатата сезона. Браќата Стојановски повторно ќе бидат водечка сила на тимот, тука е и искусниот Бојан Крстевски, а кога во прашање се засилувањата, пристигнаа неколку квалитетни кошаркари, пред се се  мисли на Баковиќ, Расел, Танасковиќ и Ворку.  

Од втор план своја шанса ќе бараат вицешампионот Пелистер и ТФТ. „Зелено-белите“ летово направија комплетен ремонт во својот тим, но и во управата. Новите лица во раководството најавија светли денови во кошаркарска Битола, а по тој повод ростерот на Илиевски го засилија со неколку познати имиња, како и со кошаркари од Сoединетите Американски Држави. 

Тимот од Тафталиџе пак и оваа сезона се очекува да биде „нагазна мина“ за фаворитите, како тоа што беше во претходните две. ТФТ исто така направи големи играчки промени и тимот го засили со квалитетни домашни и странски играчи.

Eден час по натпреварот во „Кале“, следува средбата во салата „Шабан Трстена“, во кој екипата на Чаир 2010 го пречекува составот на Феникс 2010. В сабота ќе играат: Вардар - Охрид и Кожув - МЗТ Скопје Аеродром (двете од 18.00 часот), а ден подоцна, на програмата се мечевите Гостивар - Пелистер, и Академија ФМП - Еуро Никел 2005, исто така со почеток од 18:00 часот.