• Иван Димовски
Пред стартот на новата сезона, АБА лигата се соочи со сериозни проблеми околу судењето, откако дел од долгогодишните арбитри побараа зголемување на надоместоците, но нивното барање не беше прифатено.
Раководството потоа распиша конкурс за нова листа на судии, на кој се пријавија 50 кандидати. Проблемот дополнително се продлабочи откако дел од судиите добиле пораки со повик да не прифаќаат ангажман во АБА лигата од адреса која го содржи името на натпреварувањето. Од регионалната лига најавија правни чекори и истакнаа дека нема да има одложување на стартот.
„На 18 септември 2026 година, на работен состанок на членовите на Друштвото едногласно беше донесена одлука да се распише конкурс за сите заинтересирани судии кои сакаат да се најдат на листата кандидати за делегирање. На конкурсот се пријавија 50 судии, по што претседателот на Судиската комисија, Мигел Анхел Перез, на 23 септември состави листа од 20 арбитри и ја достави до членовите на Друштвото на усвојување.
Меѓутоа, истиот ден неколку судии се откажаа од можноста да судат натпревари во АБА лигата, откако добија пораки од адресата referees.abaleague@gmail.com со повик да не прифаќаат ангажман. Од АБА лигата посочуваат дека без дозвола била користена електронска адреса која го содржи заштитеното име и интелектуалната сопственост на лигата и најавија преземање на сите потребни правни мерки за заштита на своите интереси и евентуална надомест на претрпената штета“, стои во соопштението на АБА.
И покрај проблемите новата сезона започнува в петок, со натпреварите Цибона и Будуќност и Задар и Босна. Во сабота Црвена Звезда гостува кај Борац, додека во недела шампионот Дубаи ќе се соочи со Виена, а Партизан ќе игра против Илиријa.

