• Мартин Танасковски
Започнува јубилејната дваесет и петта сезона во регионалната АБА-лига. Нема репрезент на Македонија и оваа година, а од оваа сезона, натпреварувањето е побогато за клубови од две нови земји, тоа се Романија во чие име ќе игра Клуж, како и Австрија, чиј репрезент е Виена.
Оваа година, за првпат во историјата, во АБА-лигата ќе настапуваат 18 клубови поделени во две групи. Во групата А се сместени Борац, Партизан, Дубаи, ФМП, Игокеа, Крка, Студентски центар, Клуж и Сплит. Во групата Б ќе играат Црвена Звезда, Будуќност, Виена, Босна, Цедевита Олимпија, Мега, Илирија, Спартак и Задар.
Партизан ќе атакува на рекордна деветта титула за да го потврди статусот на најтрофеен клуб во историјата на АБА лигата, додека Црвена Звезда, покрај борбата за трофеј, ќе се обиде да го продолжи и рекордот по бројот на победи во регионалното натпреварување.
Првиот натпревар во историјата на АБА лигата беше одигран на 29 септември 2001 година во Подгорица, кога Цибона ја совлада Будуќност со 81:78, а првиот шампион стана Олимпија од Љубљана. Во изминатите 24 сезони девет клубови ја освојувале титулата, меѓу кои најуспешен е Партизан со осум пехари, следен од Црвена Звезда со седум. Во историјата на лигата се одиграни вкупно 4.420 натпревари, постигнати се 693.861 поен, запишани се 261.923 скока и 127.524 асистенции. Црвена Звезда е клубот со најмногу победи (486), пред Партизан (439) и Будуќност (401). Црвено-белите држат и рекорд за најдолга серија на победи – 30 последователни триумфи.
Меѓу тренерите, најмногу титули имаат Дејан Радоњиќ и Душко Вујошевиќ (по пет), а кај играчите најтрофеен е долгогодишниот капитен на Црвена Звезда, Бранко Лазиќ, со седум шампионски трофеи. Индивидуалните рекорди се исто така импресивни: Немања Гордиќ е најдобар стрелец (3.404 поени) и асистент (1.224), Ален Омиќ води по скокови (1.423), Суад Шеховиќ е рекордер по тројки (406), а најмногу блокади има Урош Луковиќ (283). Најмногу поени на еден натпревар постигна Дерон Расел (47 во 2022 година за Морнар против Задар), додека рекордот по скокови го делат Томи Смит и Борис Савовиќ (23). Најмногу асистенции на еден меч има Жан Марк Шишко (19 во 2019 година).
Минатата сезона ќе остане запаметена и по најголемата посета во историјата на лигата, кога натпреварот меѓу Партизан и Мега во јануари 2024 година го следеа 23.021 гледач. Црвена Звезда е и клубот со најмногу постигнати поени во историјата (55.768), пред Партизан (49.849) и Цибона (49.744).
1. коло во АБА-лигата:
Игокеа - ФМП (петок)
Виена - Илирија (петок)
Студентски Центар - Борац (сабота)
Цедевита Олимпија - Мега (недела)
Будуќност - Спартак (недела)
Дубаи - Сплит (понеделник)
Партизан - Крка (понеделник)
Црвена Звезда - Задар (понеделник)







