Стамески: Заморот и пократката клупа го направија своето, честитки за Баскет КАМ

Екипата на Баскет КАМ е новиот шампион на Македонија. Кошаркарките од Македонска Каменица беа подобри од Бадел 1862 во големото финале на македонската женска кошарка и по трофејот во Купот одличната сезона ја затворија со двојна круна.

Перо Стамески, тренерот на Бадел 1862 по третиот пораз во финалната серија призна дека титулата заслужено завршува во витрините на тимот од Македонска Каменица.

„Прво би сакал да им ја честитам победата на Баскет Кам, а воедно и освоената титула. Сосема заслужено. Нивното искуство и подолгата клупа го сторија своето. Честитки и до моите кошаркарки зашто го дадоа максимумот од себе. Игравме со многу повредени, на секој натпревар останувавме без една кошаркарка, а денеска останавме без четири сениорки. Уморот и пократката клупа го направија своето. Сметам дека оваа сезона женската кошарка отиде чекор понапред со вниманието и со доведувањето на странски играчи. Два-три дена ќе одмориме, а потоа продолжуваме со сите напори за новата сезона“, рече Стамески.

На денешниот дуел кошаркарките на Баскет КАМ извојуваа победа од 86-66 и со вкупни 3-1 во финалната серија заслужено им се радуваат на освоениот трофеј.