Стајиќ: Се издигнавме по поразот од Чаир, кој можеше скапо да нè чини

Кошаркарите на Пелистер во рамките на 18. коло на Првата македонска кошаркарска лига го совладаа Еуро Никел (92-74). Со оваа победа, битолчани се вратија на посакуваниот колосек по изненадувачкиот пораз од аутсајдерот Чаир 2030 во минатото коло. 

Своите импресии по триумфот над кавадарчани ги изнесе плејмејкерот Бобан Стајиќ.

„На овој натпревар покажавме карактер. Одигравме доста добар меч, по најлошата претстава сезонава, во средата во Чаир. Дополнителен пех беше отсуството на Карутерс, кој ни дава дополнителна енергија.

Сепак, тука се истакна и Сапунџиев кој донесе енергија од клупата, а и високите играчи беа на нивото и извојувавме победа. Скапо нè чинеше поразот од Чаир, ако ги добиевме сите натпревари до крај, ќе одлучувавме со МЗТ Скопје за првото место, иако е тешко да се п0беди првакот на гости. Сепак, сега се е сведено на теорија. На нас е да ја темпираме формата, пред се за балонот во АБА-2 лигата. Завршниот турнир се игра на еден натпревар, па секој има своја шанса“, кажа Стајиќ.

Пелистер на 25 март гостува кај екипата на Кожув, а Марјан Илиевски веќе го подготвува тимот за завршниот АБА-2 турнир во Словенија.